Изминатиот период воопшто немав материјал за било какво произнесување. Делумно вината ја препишувам на моето праволиниско расположение, што им пркоси на празничните еуфории, а виновни се и деновите минати во четирите ѕида - кои никогаш не ми купиле карта за емоционален ролеркостер.

zhar-na-minus-10

Но, најголемата вина ја носи сликарот кој секојдневно слика на платно, обидувајќи се да прикаже енигматична апстракција. Неталентираниот уметник наместо со четка, работи со длето. Го упропастува и нагрдува платното кое сè помалку се наоѓа. Многупати и јас и други сме му рекле да не прави таква колатерална штета, но попусто. Затоа, падна заедничка одлука што ќе донесе промена - ги собрав најнеопходните ситници и за кратко се збогував со непродуктивните моменти и другарот „уметник“.

Овде и сега сум на местото кадешто се роди и самиот пулс на мојата креативност, јадрото без кое јас не функционирам. Ми помага да достигнам состојба на фокус на минимализмот клучен за будење на човечното во мене. Филтрација на мислата. Себе-реформа што никогаш не е радикална. А не е, затоа што одредени делчиња од душевната сложувалка никогаш не ги вадам, дури и кога повторно ја редам за да направам подобра комбинација. Вистинска уметност на душата.

Жарот на себе-откривање и себе-реформа индивидуално секој од вас мора да го пронајде. Не можам да тврдам каде точно се наоѓа, но сигурна сум дека местото не му е во купот вештачка естетика којa се коси со шемата на космосот. Не можете да го сретнете ни меѓу несудените уметници.

Тебе приј(чит)ателу, во новиов сончев круг ти посакувам да ја пронајдеш твојата жар, која се наоѓа таму некаде...на -10.

banerIscelitelMilenium