Денес, во ситните ноќни часови – случајно ми предложија да го уклучам телевизорот и да погледнам некој репризен тв-прилог, по некоја случајност на една наша телевизија. Отпрво мислев дека станува збор за инфромативна емисија од областа на филмот, подоцна излезе дека тоа всушност била емисија што едуцира за секс. Ви спомнав дека тоа беше репризата, инаку истата има редовен термин во пладневните часови, кога сите возрасти вртат по каналите.

 

Многу малку гледам телевизија, скоро никогаш. Разочарувачки е тој неквалитет што ни ги зрачи главите од екранот. А, верувајте ... многу полесно ќе ми беше да го исклучам телевизорот и да не пишувам на вакви теми, многу поедноставно и побезболно ќе беше да начкртам некоја срцепарателна приказна која ќе биде многу подобро прифатена, отколку ова. Барем тогаш ќе пишував на тема ЉУБОВ, а вака треба да ги распостелам сите тие вулгаризми што ги гледав ноќва. Како повеќето емисии, беше снимана во студио, во кое присуствуваше и публика. Морам да нагласам – ја сочинуваа средношколци. Покрај водителката, присуствуваше и наводен (анонимен за пошироката јавност, па и за мене) специјалист по сексуално ментално здравје, кој во ниеден момент не ме асоцираше на човек што ги решава туѓите ментални проблеми. 

Првото што ми бодеше очи, беше онаа искривена слика што не се читаше меѓу редови туку јасно и гласно беше прикажана, гостинот – иако беше „врвен“ специјалист и доктор, добив впечаток дека тоа е камионџија-дилетант кој сигурно го погрешил студиото и наместо во она за „ Фарма “ и „ Големиот Брат “ – влегол во ова тука. Ништо едукативно или интригантно не слушнав за тој половина час, само немо ги следев лицата и гестикулациите на средношколците што „пукаа“ од досада насочувајќи ги мислите на друго место. За кратко време таа слика стана предмет на потсмев во еден мој разговор што го водев паралелно со следењето на програмата.

Вториот недостаток беше неинформираноста на водителката. Незанемарлив е и фактот што нејзиниот вокабулар соодветствуваше со оној на седмодделенец, тоа беше исто така доста забележително – приметливо преку празните минути во кои тишината го потиснуваше нивниот непродуктивен разговор преку глувите очи-во-очи контакти со средношколците. 
Разговорот обработуваше една чувствителна и дискутабилна тема која бараше одмереност и сериозност. Сепак секој нивни збор оди во телевизискиот етер – а тоа го следат илјадници. Дури и да не го следат, водител на една емисија со таква тематика не би требало да си дозволи еден вид на испад пред јавноста, заблагодарувајќи и се на режијата заради успешно реализираната монтирана шпица со исказот (цитирам) : 

- АЈ ЛАВ ЈУ РЕЖИЈА ! Понатаму нема да го разглобувам ваквото и слично – недолично однесување кон јазикот зошто ќе застранам кон друга тема. 

Третиот и најважен недостаток е самиот концепт на таа емисија. Доколку некој има потреба да се информира за своето ментално и сексуално здравје, сигурно не би се појавил на телевизија, да ја отвори својата интима пред целата јавност – за „бесплатно“ да добие совет од „врвен“ специјалист, кој на прилично вулгарен и трауматичен начин им појаснуваше и одговараше на прашањата.

Дефинитивно студиото на една телевизија не е место, а ниту време да се пречекува луѓе, особено не средношколци во фаза на емотивен развој и созревање (кога се најраздразливи и најранливи) пред толку воајерски погледи да дискутираат и да се прават дека камерите воопшто и не постојат. Ова би било прифатливо, само како сценарио за некој нискобуџетен филм – комедија или пародија, во кој главниот лик е пропаднат режисер што најавува големо враќање во светот на шоу-бизнисот и црвените теписи со ваков концепт на емисија и на крај – не успева во идејата – го пишува по весници тоа фијаско, а публиката е револтирана до крајни граници. 

Таман кога помислив дека неможе некоја поголема глупост да се случи, докторот (а.к.а. камионџија) почна да ги тероризира средношколските уши со приказни за негови пациенти кои подлегнале на пороци и станале зависници од секс, велејќи на секоја втора реченица : - Немојте така еј.Немојте вие !

Веќе...ми беше сеедно да ви кажам, мислев дека ако го променам каналот, ќе ми дојде нагла промена од Неквалитет-Еверест да се симнам во море креативност, а стресови на огранизмот да му правам, покрај ваквите аудио-визуелни лоши манипулации не планирав. Оставив спокојно да заврши емисијата. Интересно беше што на крајот водителката пред седумнаесетгодишниците подигна чаша со вино и го изрекламира, нудејќи и на нивната професорка.

Не обрнав внимание на името на виното, зошто сепак – тоа беше лоша репутација за винарската визба што беше спонзор. Не сакам кога ќе го пробам тоа вино, да ми се враќаат трауматични слики од таа емисија. Дефинитивно ваквата емисија би наштетила на продажбата и дури најпродавано вино да било – за недела-дена ќе го повлечат од продажба. Емисијата официјално заврши и светлата се изгаснаа во студиото и таман тргнав да го исклучам телевизорот (доста беа екскурзии за денес) – имаше некои технички проблеми и сè уште не беа го исклучиле неформалниот разговор. Иако немаше видео-приказ, јасно можев да ја слушнам понудата за „кафе-мафе“ ... Ве потсетувам – тоа беше реприза на емисијата. (Многу логично, монтажерите да го средат тоа после емитувањето во живо, сепак имаше интервал од 15 часа помеѓу емитување на репризата и премиерата.)

Не сакам да биде ова погрешно протолкувано. Ги почитувам новинарите, нивната професија и должност. НО – не сакам и не почитувам залутани заморци што сè уште не се пронашле во ниедна област, па дебитираат на еден смешен начин со многу лаички концепт и измешани брзини – бламирајќи се себеси и медиумот. Големо > НЕ < за ваквите тв-лапсуси да станат едукативни центри што ќе манипулираат со младината, нудејќи (не)помош.

banerIscelitelMilenium