machor-vo-chvor-thumbЗа прв пат ми е многу мерак што оваа колумна нема да постигне никаков успех и ќе биде прочитана од многу малку луѓе, бидејќи нема да има помпезен наслов, нема да ги нападне или величи двете политички опции, ниту во неа ќе се пишува за секс, женски облини или спектакуларни смртни случаи.

Ќе пишувам од душа за она што во моментов и глувата пријателка на баба ми знае дека се случува. Македонскиот спорт.

И сам прилично сериозно се занимавам со спорт и не го велам тоа како оние маалски мешлаци коишто играат секоја година на локалниот фудбалски турнир. Не, се занимавам со спорт и сум стоел на пиедесталот во неколку европски земји, а некаде и го кревале македонското знаме на јарболот во моја чест. Во превод, немојте на крај да имате желба да напишете - ај бе гони се, мочко еден, ти ќе ми збориш за спорт.

Значи, нашите ракометари го освоија петтото место на европското првенство. Пред неколку месеци, кошаркарите беа четврти. Во Македонија овие две постигнувања на македонските спортисти беа прославени спектакуларно, со огномет, со ордени, со сите салтанати...

Апсолутно ја разбирам македонската навивачка еуфорија, бидејќи последен пат кога се радувавме на победи во некој спорт којшто сме го следеле на малите екрани, живеевме во друга држава. Сега, кога конечно никој нема право да ни нареди да ставиме туѓо знаме во нашите дворови, се чувствуваме и тоа како горди кога гледаме дека оние пребогати Европејци се поразени од нас, црвено жолтите. И јас се радувам на секој гол и секој кош, о и тоа како се радувам, како јас да ги постигнувам, го билдам моето патриотско его инстантно бидејќи тоа е вистинскиот начин да се гради и негува љубовта кон својата татковина. Затоа и ги разбирам сите Македонци преимпресионирани од случувањата.

Исто така ги разбирам и сите оние нормални граѓани коишто се лутат кога читаат како некои политичари, колумнисти, експерти зборуваат дека е глупаво да се навива за Македонија бидејќи тоа било политички мотивиран чин. Морони, само тоа имам да кажам за тие коишто ги разбирам што сакаат да кажат и кон што целат, но едноставно се толку возгордеани што мислат дека нивните разумни мисли можат така дрско да ги протнат до обичниот Македонец и да добијат политички поени.

Сепак, кога велам дека ги разбирам, навистина и ги разбирам. Кога не би знаел која е нивната задна намера, би ги поддржал. Затоа, си пишувам свој сопствен текст, во кој ќе објаснам како јас ја гледам спортската еуфорија.

За мене, за овој Мачор со се помалку животи од деветте на располагање, е исклучително навредливо да излезам на плоштадот како дел од среќна маса народ и да прославам петто место. Истото важи и за кошаркарите, четврто место е најлошиот возможен пласман. Прво е прво, победник си, второ е вицешампион, а трето е утешното место. За четврто порано како добар гест се даваше цвеќе, а петтото место е веќе далеку од шампион, нема што да се секираме.

Тажно е, што Македонија се радува на пласман којшто е далеку од успешен. Да, најуспешен е до сега, но тоа е повторно трагично, тоа значи дека ние, македонските спортисти, сме антиталенти, па најдобриот успех во еден колективен спорт ни е четвртото место. Но, ајде да не напаѓам, ќе прејдам на друга тема, дали знаете како изгледа еден македонски спорт? Од основните гранки, за да стигне до она што вие почитувани читатели, слушатели, гледачи го добивате сервирано во неговата најдобра форма?

Ние, Македонците, се раководиме по народната поговорка, боцни прачка - пиј вино. Сакаме да ги победиме сите, ама не сакаме да работиме за да го направиме тоа. Сакаме да се искачиме на врвот на планината, ама со хеликоптер. Секој македонски спорт и спортист, во текот на својот долгогодишен тренинг додека стигне до телевизискиот екран е соочен со студени сали, кал, опструкции од нестручни лица, авторитети коишто мислат дека се стручњаци и секако, соочен со себе и својата желба да продолжи.

Јавна тајна е дека за да се влезе во репрезентациите на некои спортови во нашата земја треба да се плати. На тренерот, на селекторот, спортскиот директор, претседателот, зависи кој ги влече конците. Јавна тајна е исто така дека во женските спортови, често пати треба да се „легне“ со истите овие лица за да се биде во репрезентацијата. Понекогаш, може спортистот да биде исклучителен, но на светско првенство ќе замине нечиј син, брат или внук. Тоа во Европа, не е така.

Поединечните спортови се соочени со уште повеќе проблеми, бидејќи не се толку атрактивни и за нив никогаш нема доволно средства, тие мораат да вадат од џеб или сами да бараат спонзори, кои ако ги најдат, тогаш мораат и да го истрпат и муабетот на мецената од типот „им дадов 2000 евра, нека се прошетаат децата“. Потоа „децата“ во странство јадат салами, мачкаат маргарин земен од дома и се срамат дека не можат да ги почестат своите колеги од другите репрезентации по едно пиво, бидејќи не можат да си ги дозволат третите евра за пиво ниту за себе.

Репрезентациите коишто ги гледате, често внатре не се онакви како што изгледаат однадвор. Самиот Кире Лазаров мене ме импресионираше до крајни граници, кога на едно интервју пред повеќе од една година на новинарско прашање пламна откако очигледно му дојде преку глава од третманот што го добива од РФМ. Рече, како не им е срам на челниците во федерацијата, тренираме заедно со женската репрезентација на две половини во истата сала. Ние имаме тројца во стручниот штаб, а тие имаат 15 иако ние сме тие што одиме со амбиции за висок пласман. Кире се налути, се развика, но зошто е Кире легенда и најдобар играч на светот? Бидејќи потоа додаде, како и да е, ние сме навикнати на овие услови, ќе дадеме секако се од себе.

Македонските репрезентативци, и воопшто, македонскиот спорт не се создава во моментот кога играчите излегуваат на терен, туку години и години наназад, инвестирајќи во млади, во семинари, во кој знае што, исто како во светот. Вистинско чудо е како ги победуваме големите репрезентации всушност, само македонскиот инает тоа го прави.

Затоа и се лутиме кога Горан Пандев не игра онака како што игра во Италија. Но никој всушност не знае што Пандев доживува кога ќе дојде во Македонија да игра за репрезентацијата. Од Милано и Рим каде Горан живееше, среќавајќи се и разговарајќи со римјани коишто го третираат како Бог бидејќи ги знаат неговите квалитети, доаѓа во Скопје и Струмица каде што некој „балван“ од некое прилепско село му кажува што и како треба да прави. Му го наметнува неговиот непостоечки авторитет. Згора на тоа, добива некоја минорна сума за својот настап којашто во Италија ја заработува за еден тренинг.

Знаете, веќе не е 1950 година и не играме само за играта. Тие луѓе се професионалци, играат за пари. Тоа им е работа. Ако не им дадете пари, тие и нема да ја завршат својата работа, како што и вие нема да ја завршите вашата ако некој ви рече дека треба од љубов да работите за вашите газди.

Од една тема во друга прескокнав, па веројатно и така ќе го завршам овој текст. Со измешани теми. Ракометарите и кошаркарите ги постигнаа своите најголеми успеси, но верувајте изгледате смешно во мои очи кога се трескате од земја како да сте добиле седмица на лото. Победите се прекрасни, но се слави само за прво место. Само прваците се шампиони и ниту едно друго место не признавам. Сега продолжете со еуфоријата, не ми пречеше ни до сега, само не ме викајте да славам, бидејќи јас не видов некој нешто да освои.

Би можело да Ве интересира:
Претходно од оваа категорија:

banerIscelitelMilenium