machor-vo-chvor-thumbМалку ми е преку глава од сите оние коишто удобно седат дома во своите фотељи, грицкаат сончоглед, скролаат надолу по екранот и стискаат дислајк на се што ќе се појави. Добро бе луѓе, нели имате вие работа, хобија, интереси, девојки и дечковци или сите сте сами, осамени и со премногу слободно време?

Темава ми се врти низ глава веќе извесен период и кулминацијата ја доживеав на сосема погрешно место. Со еден пријател влегов во жолчна расправија за неговото мислење околу нешто коешто јас сум го сработил, директно или индиректно. Навистина, човекот беше во право, ама кога некој ќе ви згази на гордоста и по часови и часови работа ќе ви каже дека сте „промашај“ - не се чувствувате убаво.

Јас лично, никогаш не сум признавал откажувања. Секогаш сум се трудел работите што ги правам, да ги правам најдобро што е возможно да се направат. Еднаш, ме интересираше градинарството, па се зафатив грижливо да одгледувам еден фикус. Научив многу за фикусот, го истражив и започнав. Беше малечок од почеток, но сладок. Го растев цела година, секој ден го надгледував, го поливав токму како што беше напишано во книгите, го вртев кон сонцето, порасна во убав голем кактус, но се разочарав кога пријателите ми се изнасмеаа дека тоа не било за мажи, а и очигледно не ме бива за градинарство бидејќи моето дрвце не процветало.

Едниот од нив беше правник, другиот актер, а третиот економист. Сета моја двегодишна работа падна во вода, токму во тој миг, бидејќи иако мене на душата ми беше убаво да се дружам со прекрасното растение, сепак живеам во средина којашто не сакам да ме гледа како чудак и да ме смета за лудак. Не престанав да се грижам за фикусот, петта година го имам во јужниот агол на собата.

Една работа не направив вистински кон моите тројца пријатели, а ја направив виртуелно кон мојот пријател од почетокот на приказната. Му објаснив дека, на правникот, му ги искинав сите потврди за добиени судски спорови бидејќи тие се безвредни бидејќи лажел и виновни луѓе ослободил. На актерот му реков дека ме потсетува на Шербеџија. Од вистинска икона на југословенската театарска уметност, тој замина во Америка да игра третокласни споредни улоги на источни мафиози и гангстери. На економистот му реков дека џабе е што толку многу се обидува да ги излаже луѓето да му ги дадат нивните пари, кога неговата девојка не можат да ја купат сите тие пари што ги собира со години.

Не му кажав ништо од ова на мојот еден пријател од почетокот на приказната, но му кажав дека и неговата работа, како и мојата, не е доволно само да биде сработена, таа мора да ги освои широките народни маси, бидејќи од уметноста никој не може да преживее, а јас проклето морам да си ја платам струјата, за да можам подоцна да го напишам текстов.

Никогаш не сум верувал во оние андерграунд фрази „комерцијала е за дебили“. Секој мора да најде начин како да преживее и да заработи. Точно, голем дел од луѓето на малите екрани се збогатуваат на сметка на шунд музика, филм, литература бидејќи и самите се шунд, но тоа не смее по дифолт да биде сместено во истиот кош за секој бенд, актер, писател којшто ќе се појави како таков. Всушност смее, ама смее само до оној миг додека и самите не се најдете во ситуација да сакате да бидете уметници, да бидете креативни, да имате што да му кажете на светот, а тоа да не биде „Oh baby baby yeah“, ама да морате истовремено и да заработувате од тоа.

Пред извесен период имаше едно студентско движење коешто се бореше за доброто на студентите. Имаше слаб одзив од самите студенти. Организаторите и учесниците мака мачеа да соберат повеќе луѓе, но едноставно нивните разумни барања не беа доволно атрактивни за широките народни маси. Беа андерграунд, не беа комерцијала.

Сосема неочекувана случка ги исфрли на улица заедно со илјадници други луѓе покрај нив борејќи се за нивната кауза. Како се случи тоа преку ноќ? Се случи кога некој надвор од студентските редови, нивната реченица „права за студентите“ ја претвори во „власта не им дава права на студентите“. Што се случи? Рајата излезе на улица, мала група на луѓе профитираше од случката, движењето беше етикетирано, студентите си заминаа дома. Тие - не заработија. Згора на тоа, нивната макотрпна работа беше дискредитирана, омаловажена и осудена како да е криминал.

Идеалите се прекрасни, секој мора да ги има. Инкасаторите не се толку прекрасни, ама и нив мора да ги има.

Како пример за „искомерцијализирање“ на некој уметник, ако воопшто таков термин е правописно исправен, секогаш го земам релативно актуелниот и крајно контроверзниот - Слаткар. Слаткар почна како андерграунд рапер, со прекрасни текстови коишто ја одушевуваа упатената рап публика. Потоа Слатар направи неколку песни коишто го вивнаа во небо и наеднаш го засакаа сите тинејџерки, а тој се здоби со статус шунд.

Јас, како мачор којшто ретко или никогаш не подлегнува на општото мислење на мојата околина, застанав во негова одбрана, тврдејќи дека последниот албум направен очигледно за да заработи пари, во себе има две песни коишто се раперски и уметнички комплетно на место. Едната се вика „Да полетам“ другата се вика „Сите моменти“. Па така, на албум којшто во себе содржи крајно комерцијална музика, има две парчиња направени за душа коишто потврдуваат дека Слаткар е уметник. Секако, во хип-хоп смисла.

Овој медиум на којшто ги читате во моментов овие букви, често пати има статии за Боки 13 коишто се читани од луѓе што ја слушаат „Шопинг“, но има и оддел „Со желба за знаење“ којшто го прелистуваат оние што ја слушаат „Да полетам“. Секој филм што Тарентино го има направено е мега хит, бидејќи во него има крвови, ја има Ума Турман и брканици со автомобили, но Квентин е уметник пар екселанс, никој не го прогласил за комерцијала и шунд.

Секој мора да заработува за да биде успешен, во било која и да е област. Тоа не го прави глупав, тоа го прави прилагодлив. Вистински генијалци се токму оние, коишто и покрај „жолтиот печат“ што го пишуваат имаат време за да прочитаат некоја страница од Булгаков и да раскажат за историјата на Памплона.

banerIscelitelMilenium