machor-vo-chvor-thumbЛид инсистираше да пишувам на тема „Сè се случува со причина“ и јас ќе го сторам тоа. Сè се случува со причина е една прекрасна реченица којашто не е вистинита и се користи со векови за смирување на немирниот дух.

Секако, ако филозофски пристапам на реченицата или поубаво кажано, ако се препуштам на анализирање и вртење во место мешајќи реченица во реченица додека не добијам убав компот од зборови... тогаш можам и да добијам некој бучкуруш кој ќе ја оправда оваа реченица.

На збирот случки, секогаш можеме да му најдеме несреќен или среќен крај, во зависност од тоа што бараме и сакаме од себе во моментот. Затоа и „сè се случува со причина“ може да биде позитивна или негативна реченица, може да е вистинита и невистинита или смешна и... добро, смешна во секој случај. Таа е на иста линија со докажувањето дали Бог постои. Секако дека не постои ако земеме икс по ипсилон, исто како што ништо не се случува со причина, туку е само збир на случки, случајности во даден миг, коинциденции измешани без некаков ред за наши сфаќања, но сосема совршени за универзумот.

Само случки. Како сите оние случки кои низ минатото, кога бевме деца и шлапкавме низ вирчињата во Аеродром, кај прв центар, по плочките лошо наредени пред зградите, па потоа настинувавме, не нè научија ништо. Навистина не нè научи тоа ништо, никогаш и нема да нè научи. Знаеш зошто престанавме да шлапкаме? Ни досади. Не е дека ја научивме лекцијата и како возрасни не го правиме тоа. Заљубени парови се валкаат во снег, спијат без да се покријат, се бакнуваат на дожд под канделабри кои испаруваат под студените мартовски капки, така што... само случки.

Случајно наредени случки, како твојот и мојот живот да се контејнер на улица, па минувачите од два метри ги фрлаат своите пикавци, хартивчиња и мастики во нас, нешто ќе погодат, нешто ќе промашат. По некогаш ќе се случи нешто добро, по некогаш нешто лошо. Тие минувачи, сосема несвесни за нас како прекрасни мали валкани контејнерчиња, немаат ниту поим дека се Господ. Таков е и вистинскиот Господ, големиот, нема поим за нас. Кога би знаел, би внимавал...

Знаеш што ми ја јаде душата деновиве... не е тоа што Господ нема слух. Ми е гајле за него. Ме јаде тоа што сите случки од минатото велиме дека се случуваат со причина, за подоцна од нас да направат подобри луѓе, поцврсти личности, а всушност, истите тие од нас не прават ништо друго освен уште поглупави луѓе. Ме јаде тоа што, секој ден имам желба и чувство дека утре ќе биде нешто подобро, а тоа чувство ако размислам поубаво ме држи последниве 25 години. Никако да стане поубаво, никако рубиковата коцка да ми се намести и да уживам додека стои под еден сноп светлина, а камерата зумира полека на неа, онака филмски, додека се смеам во позадина и шлапкам весело со рацете. Јок, само полошо станува.

Секој ден, се трудам да направам нешто подобро за себе, за моите поблиски. Преземам обврски, градам кареири, јадам ниски удари од конкуренцијата и кревам пехари од успесите. Еуфоријата од двете трае три дена и потоа исчезнува за нова долга сеанса размислување како да го направиме животот подобар. Нова кола, нова работа, нова обврска, нова диета, построга диета, нов стан, нови пријатели, нова девојка, нов дечко ако треба... но на крајот, дури и Дизниленд да го поседувам, ќе сакам Дизниленд да биде направен на Водно, да стои наопаку, Снежана да биде лезбејка, а седумте џуџиња да одат назачки со везени пиперки во рацете и како ја пеат „Тој е оној стар џумбушлија“. И згора на тоа, ќе сакам на сите да им се допаѓа мојата идеја и да ми даваат пари за тоа што сум го смислил и направил.

Природно е да одиме кон нови победи, да се бориме за животот, да сакаме да ја подобриме нашата околина, но и самите себе си. Сепак, на крајот ќе завршиме како пцовисани кучиња фрлени покрај тротоарот, ништо поразлични од нив. Џабе ќе ни бидат сите палати и сите салати со кавијар. Затоа и ништо не се случува со причина, бидејќи нема причина дадена однапред, има само шанса да се бориш, да тргаш, да корнеш, да `ржеш и да љубиш најсилно на светот, а на крајот ниту ти ќе знаеш што некогаш било и ќе биде, ниту живите ќе те споменуваат премногу често, а и да го прават тоа, ти сепак нема да оживееш и да љубиш повторно.

Чим е така, сипи уште по една и запеј... Еј мори моме, еј мори моме...

Би можело да Ве интересира:
Претходно од оваа категорија:

banerIscelitelMilenium