machor-vo-chvor-thumbДенеска бев во суд. Направив прекршок, ми одредија казна, сето тоа е во ред. Никогаш порано не сум бил во бараките во парк, не очекував ништо поинакво од она што го добив. Полураспаднати бараки, со оние класични дрвени бели рамки на прозорците кои никогаш не биле сменети, а бојата последен пат, по слободна проценка била нанасена пред едно дваесет години.

Пред едно два-три месеци бев во болница. Се разболе татко ми, морав да одам повторно иако навистина не сакам. Ништо не се сменило од порано, сè е исто, згради што се распаѓаат, тече од сите страни, личи на гробишта повеќе отколку на болница. Не ни очекував поинаква слика, знаев каде одам, само што немав време да се нервирам за глупости во моментот, бидејќи тоа е глупост кога најблиските ви се болни.

Денеска во суд, во тесните ходничиња, едно стотина души на три врати. Ги споредуваме повиците за појавување на распит, на мојот пишува 09.53h, на тој до мене 09.54h. Колку време чекавме за да влеземе внатре од човек до човек? Па, не повеќе од шест минути. Пред мене имаше точно 14 луѓе. Ги броев. Како ли ќе им биде на оние што им е закажано во 14 часот? Гајле ми е, нека кршат глава.

Пред два-три месеци во болница, стоиме со татко ми во ходникот каде што се примаат оние што треба да се снимат на компјутерска томографија. Додуша лажам, тој седеше бидејќи му стана една женичка од шеесетина година, немаше место за сите. Тој не можеше да стои, во моментот преживуваше мозочен удар, а ние бевме испратени итно од кардиологија. Не чекавме многу, околу два часа. По четири дена, во коишто тој спиеше константно, а јас и мајка ми се справувавме со бирократските аждаи, еден доктор од приватна болница што ни наплати како да е нобеловец, ни рече дека ако сме останеле дента на нозе уште еден час, можело да се акаме по цркви место по болници.

Денеска во суд, влегов во една просторија, да прашам дали може да се пушти климата во ходник. Ми одбруси една баба со ладна трајна или како и да се викаше таа фризура модерна во шеесеттите - која клима? Па онаа во ходникот пред собата во која треба да бидам примен, велам јас. Па прашај си ја таму, што мене ме малтретираш, имам работа, излегувај надвор, ми се развика будалава. Како се мислам да си ја прашам климата, кога климата колку што видов беше модел од 2005 од прилика и не знаеше да одговори на моето прашање.

Пред два-три месеци во болница, додека татко ми седеше во фоајето на Ретген одделението, јас стоев на еден шалтер да платам сметка за да го завршиме прегледот кој ни го даде некој од докторите кои ги посетивме пред тоа. Кога ми рече жената на шалтер да и го дадам упатот и објаснив дека сме дојдени како итен случај. Каде е татко ти, ме прашува? Велам ене го седи, не може да стои. Се поткрева над шалтерот, ѕирка, го гледа, вика - па ништо не му е, ќе си дојдете кога ќе извадите упат. Хаха, важи златна, ќе дојдеме. Обично сум фин и културен, ама со оваа, бев екстра фин. И порачав дека ќе ја масакрирам сексуално во еден специфичен отвор на телото ако не најде начин да го снимам татко ми веднаш. Мислев дека сум јак кога и се развикав, таа само ладно ми рече, аман не се дери да не викам обезбедување, дај ми 600 денари, еве ти доказ дека си платил, кога ќе донесеш упат ќе ти ги вратиме парите. Таа секој ден тоа го добива како однос, дури не и не и гајле дека јас се нервирам заради нејзината дилетантност, заради тоа што татко ми умира, за тоа што работи како гробар, место како сестра или како и да и се вика работата.

Денеска во суд, од стотина луѓе, по груба пресметка, видов околу девееспет етнички македонци. Другите по муабетот, односот, изгледот, пристапот, ми изгледаа како други националности. Тоа значи дека законот го прекршуваат само етничките македонци во земјава. Што стока народ си викам...

Пред два-три месеци во болница, од стотина луѓе што сретнав по шалтери, околу триеспет, грубо, беа етнички македонци. Другите по муабетот, по односнот, изгледот, пристапот, ми изгледаа како други националности. Тоа значи дека фондот за здравство, скоро и да не го црпат етничките македонци во земјава. Што издржлив народ си викам...

Би можело да Ве интересира:
Претходно од оваа категорија:

banerIscelitelMilenium