machor-vo-chvor-thumbТаа мала вештерка преживеа седум пати. Еднаш кај Набоков, еднаш кај Булгаков и пет пати кај лудаков.

Се вика Маргарита. Кај нив двајца имаше само ситни промени во името, а јас ја сретнав и како Марија и како Магдалена. Нешто... Магично, некој Маг мора да се вселил и развеселил во оваа приказна па малата вештерка никако да умре се чини, како никој да не може да ја убие. Пукаат станови, леат поплави, Бегемот само се смее, а Рекс ужива гол во претставата. Марга никако да умре.

Можеби некој читал детски бајки и народни преданија, суеверија и житија, па можеби знае дека имам девет животи. Но малата вешетерка ми остави само два. Секој пат кога таа преживува, умира по еден од моите животи. Во меѓувреме, додека таа вешто ги избегнува зрната, а јас не обрнувам внимание на автобусите, трамваите и сообраќајот, налета на мене точно на раскрсницата меѓу Лисиче и Аеродром голем црвен автобус на ЈСП со број седум, сосема празен само со еден возач кој исто така загина во сообраќајката обидувајќи се да ме избегне. Што таму воопшто бараше Седмица, врска немам, само знам дека опашката ми ја скина и ми отидоа двете задни нозе. Ми требаа три дена додека се средам.

Во превод, ми отидоа осум животи, седум заради М. и еден ми отиде заради автобусот со број седум. Уште подобро кажано, немам повеќе животи, со следниот умирам. Но, кога веќе сме тука, свесни дека е готово и дека следната смрт ќе биде и последна, тогаш проклето нема да дозволам Маргарита повеќе да се извлекува. Ако тие идиоти не успеаа да ја убијат, тогаш јас ќе ја завршам таа работа.

Купив 117 шишиња солна киселина. За секој случај. Ќе биде забавно. Сега ќе се прошетам низ градот убав, ќе уживам во липите, можеби за последен пат, ќе го вкусам Дебар Маало токму на начинот на кој од секогаш сум го вкусувал. Ќе се опијам зад Универзална и ќе го дочекам среќен судниот миг.

Не, никој не е тука луд ниту претерува. Секој плаќа за она што го сторил. Раката на кармата од денес е во чвор. Јас го врзувам твој чвор.

banerIscelitelMilenium