Vip

Нашиот драг пријател, Михајло, со задоволство се сложи оваа негова „животна одломка“ пренесена на тастатурата да ја објавиме на нашите страници. Михајло е горд Битолчанец дојден во Скопје по образование. На вечната тема, еве што тој има да каже. Ние, ќе оставиме читателите да ја бранат честа на Скопје или да го поддржат Михајло.

-----------

„Скопје низ призмата на еден ’провинцијалец‘“

Со раце под глава во темната соба бдеам во таванот. Менталниот клип за тоа каков ќе ми биде животот во Скопје штотуку се одмота. Безмилосно и со презир ја погледнав Саат Кулата од мојот прозор. „Конечно ќе мрднам од градов, ќе одам некаде каде што никој нема к*р да го боли кој сум, чиј сум, на кого сум... и ќе бидам она што навистина сум“.

mihajlo-02Со нетрпение го очекував знакот под мостот каде што пишуваше Добронидојдовте на влезот во Скопје.

Низ главата ми се вртеше помислата, „Живеам сега во Скопје, работам сега во Скопје... еј фак... не е мала работа човек да се одлучи на ваков чекор“. Низ главата ми се вртеа филмови на еманципирани луѓе, желни нешто да направат во животот.

Конечно ќе се движам во кругови каде интелектуалниот труд е далеку повреднуван од оној на кого си/чиј си и како ако мрднеш само малку на интелектуално ниво (си издал збирка мочана поезија) се доживува со лицемерен крик на нискобуџетната локална телевизија, која уствари си пополнува место во емисијата „Локални дијагонали“.

Ги замислував седенките на кафе во Аја Лезет, како пијам чај Earl Grey со млеко, бидејќи во Битола ме гледаа како да сум паднал од друга планета, а не дај Боже да те земат на „удолу“ во смисла „Шо му е на чооооеко бе браааат?! (М)Ооооооре ненормалееен“.

Деновите се нижеа. Декаденцијата на градот полека, полека започна да се отвора. Морзеова азбука. Бетон, асфалт, бетон, бетон, асфалт. Сето тоа спомешано со миризба на плин, бензин и огромни количество дизел.

Стрес на секое лице. Не знам дали е до Сонцето, сињакот или нешто друго, ама брчките на лицето овде изгледаат подлабоки.

Ефектот на добро настегани сардини во смрдливите автобуси те следи на секој чекор. Веќе го научив ритамот и на тоа. 7.30 сабајле, 3.30 попладне, 11.30 навечер. Секои осум саати автобусите крцкаа од луѓе испозалепени како плакати врз гнасните прозори на 5-ка, 23-ка, 15-ка, 57-ка...

И тука некаде низ сиот песок од нормални луѓе ќе фрлиш поглед и ќе ги забележиш малите бисерчиња - богати луѓе со гнасен материјалистички фетиш, кои со своите џипови, ферарија, масерати, бентли фрчаат низ улиците.
Успат излегуваат пред Holiday Inn да ги мрднат своите дебели машки и ултра слаби женски газови со „екслузивната“ солунска викенд роба.

Штета што кај нас нема мали лепенки за браници на коли (bumper stickers) на кои ќе пишува „Го фатив Господ за мадиња“.

Ги нема седенките во Аја Лезет. Премногу сум/сме зафатени да се избориме за егзистенција или сме пропаднати во длабока меланхолија за викендот кој едвај чекаме да дојде, а кога ќе дојде... само ја сумираме измината недела и гледаме уствари колку ни е шит животот.

mihajlo-01Контактите замираат. Градот е голем. Кој ќе се влечка од Аеродром до Радишани, од Радишани во Капиштец, од Капиштец во Ново Лисиче.

Старите... ги гледаат глупавите турско/индиски серии и приспомнуваат на топлото време и бесцелното шеткање покрај кеј, собирајќи ги миризбите на смрдливот Вардар.

Сивилото е насекаде околу мене. Градот нема дух. Вештачка творевина исполнет со лажен лицеремен интелект во форма на навидум успешен човек кој својата репутација ја креира со лажен себе-идол (малку различно од егоцентричност и нарцисоизам) за она што сте го постигнале.

Со други зборови - учев многу (жими пајка), отворив бизнис, иам пари, купив јака кола, други работат за мене и општеството ми дава признание. Yeah right!

Веќе ги научив сите места низ целиот Центар и Аеродром. Кога имав некој динар, тркнав и до Тафталиџе, Маџари (која факинг дупка) и други елитни населби низ Скопје, како Чаир (транзит), Бутел и елитната Радишани (читај: Богу иза леџа).

Малото брдо, не многу поголемо до Тумбе кафе, се величи како да е Монт Блан и постојано се шират приказни до посер за тоа каааааков триумф е да се искачиш до крстот (која дебилна идеја ама ајде) и каков секс може да падне покрај патот до Видиковец или средно Водно (постојано да бидеш освелтуван од дебили со „долги“ светла... а-ха... ооуккеј... no thanks).

Младите „провинцијалци“ одвај чекаат да тркнат до родниот град. Студентите, к*р ги боли. Нема мама, нема тато, цело друштво им е тука, шо ќе им се оди дома. Ќе дремат тука месец-два и ќе излегуваат во елитните ноќни клубови, при тоа неминовно е двочасовното чекање ред како за леб во 90-ите (читај: глумат лудило, пуштени од синџир).

Читај драги провинцијалецу:

Плата имаш висока во Скопје, во споредба со Битола (ова пополни го со твојот роден град). Но, те молам одбиј за кирија, сметки, живот, транспорт, окапани коски по автобуси како градски, така меѓу градски. 120 денари за шише 0,33 Скопско во Ноќен клуб...

Ете тоа.

------------

Михајло Оваа е-пошта е заштитена од spambots, треба да вклучите JavaScript за да ја видите

Би можело да Ве интересира:
Претходно од оваа категорија:

banerIscelitelMilenium

  • 30 дена
  • 7 дена
  • 24 часа

banerMasaMedo

AcaLukasIRadmila