mista93-01Миста 93 е креативно момче коешто создава музика по личен вкус и не го засега дали од неа ќе профитира, единствено сака неговиот звук и порака да стигнат до љубителите на овој тип на музика.

Со оглед на тоа што бркајработа.мк има желба да ги поддржи и промовира „андерграунд“ уметниците за коишто смета дека творат квалитетно, стигнавме до ова момче чиишто звуци ни се допаднаа, па решивме да позборуваме со него и за начинот на којшто самиот размислува. Во целост ви ги пренесуваме неговите размислувања, идеи и планови за животот, музиката и општеството.

Најдолу е избор од три негови дела, покрај останатите кои можете да ги преслушате на неговиот јутјуб канал, а коишто и нам најмногу ни се допаднаа.

бркајработа: Што прави и кој е Миста 93 од музички аспект?

Миста 93: Миста 93 е навидум обичен човек како и секој друг хомо сапиенс, но сепак благословен со повеќе абнормални квалитети. „93“ е музикохолик, бит мејкер, аудио рудар и доктор на апстрактни Рап битови. Ако може тоа да го објаснам вака. Секој од нас слушнал како звучи Рап музиката. Многу од нас слушнале како звучи Трип Хоп музиката и најмногу од сè, секој знае и може да го распознае стариот добар Џез.

Точно тука, помеѓу овие трите се наоѓа и Миста 93. Всушност се обидувам да направам една експериментална фузија помеѓу трите правци додавајќи и некои свои иновативни идеи во целото тоа нешто. Комбинирајќи тврд ( моќен ) Рап ритам, додавајќи зачин ( џез семпли ), преработувајќи ги на сопствен креативен начин (по наредба од дното на душата) и со малку повеќе динамика, се добива точно она што се слуша произведено од 93.

Мојот стил, е нешто коешто одамна престана да се создава со некои многу мали исклучоци во глобални рамки. За жал, сите оние продуценти кои некогаш твореа сличен стил како мојот,  денес сите тие го сменија својот стил кон по комерцијален звук, и така замре онаа магија на креативната уметност. Но... затоа тука е „93“ и пред сè Dusted Wax Kingdom.

Еден вид на најлојалните артисти на денешницата, кои се обидуваат да го зачуват апстрактниот звук помеѓу трите стила, создавајќи оригинален плод на нашата душа и фантазија.

бркајработа: Каде се наоѓаш во моментов, каков е предизвикот?

Миста 93: Денес „93“ се наоѓа на патот на кој што го очекува работа досега не видена. Бидејќи сè уште немам издадено официјален проект, а воедно станав и еден од последните членови на Dusted Wax Kingdom издавачката куќа, точно сега треба и официјално да се докажам себе си како артист но најмногу пред сè, како креативен уметник. Затоа денес, ограничен од аспект на техниката за креирање музика, финансиски и временски, се наоѓам пред најголемиот предизвик во животот - да се откажам од социјалниот робов систем на живеење и целосно да се посветам на сопственото студио кое во моментов го зглобувам и да творам музика со цел да оставам белег за поднебјево, за стилот и највеќе од сè, да придонесам за зачувување и градење на стилот кој е многу редок а воедно и за „DWK“.

бркајработа: А што гледаш пред себе, која е твојата цел?

Миста 93: Многу многу проекти. Творам, т.е. создавам музика веќе околу 4 години.Особено интензивно последниве две. Во почетокот беше навистина тешко. И сами знаете колку е тешко еден продуцент да ви помогне и да ви покаже како врви целиот процес на музичката продукција. Затоа што нели секој мисли дека ќе му го земеш лебот, не гледајќи дека не секој има за цел да прави пари од уметноста. Затоа требаше целосно да се посветам на тоа нешто и да се развијам за денес да стигнам барем до тука. Сè уште не сум стигнал онаму каде што треба во однос на продукциската способност за да се наречам продуцент, но не се откажувам од целта. А која е мојата цел?

Мојата желба и цел е, да го преплавам музичкиот правец на Миста 93, со повеќе од 200 песни. За последниве 4 години создадов околу 200 песни кои сакам целиот свет да ги слушне. Тоа значи дека од „93“ може да се очекуваат многу сериозни проекти во иднина.

Во моментов го средував својот официјален прв албум под име “Back 2 Boom Bap“ (кој може да се преслуша на мојот “ youtube “ канал [zaktakalak]) но бидејќи во моментов сум во процес на градење на сопственото студио и неговите компоненти, морав да го паузирам процесот околу албумот со цел да го довршам на подобра опрема. Но, како и да е, на сите оние кои ме следат во она што го правам, на сите оние кои им се допаѓа она кое го творам, би им кажал да очекуваат многу сериозни проекти кон крајот на 2011 година.

За жал, проектите ќе задоцнат малку, но ќе ги уверувам сите, дека сето тоа ќе се исплати, најмногу на нивните уши и души.

mista93-02

бркајработа: Го спомена Dusted Wax Kingdom, што е всушност DWK?

Миста 93: Dusted Wax Kingdom, е нештото кое ме натера со целото срце да го засакам 10 пати повеќе нештото кое го правам. Знаете, цело време сме опкружени од енергетски вампири кои не знаат никако да дадат поткрепа за она кое ние самостојните артисти го правиме и поради тоа нешто бев угнетен помеѓу плеадата неквалитетни самонаречени продуценти, рапери, музичари, уметници и така натака. Пред целото тоа време добивав многу малку подкрепа, и бев разочаран од гледна точка на тоа дека можеби сето она што го творам нема никој да го оцени, да го слушне, и така мојот труд ќе пропадне, и воопшто развитие на моите дела би било бескорисно. НО! Точно кога најмногу западнав во депресија со тие мисли, од никаде се појави "VIOLENT PUBLIC DISORDERAZ", човекот кој стои позади "Dusted Wax Kingdom".

Човекот ми пиша дека многу го почитува нештото кое го правам, начинот на кој го правам и пред сè, филозофијата која ја внесувам во мојата музика. И на тој начин ми предложи, дека убаво би било во семејството на “ DWK “ да има артисти како мене, кој со целото срце и душа се стремат да создадат нешто сопствено, нешто креативно, нешто кое ќе остане вечно запаметено. Нешто многу по различно од „ctrl + c“ и „ctrl + v“.

Во првиот момент се збунив. Не ми се веруваше дека ќе бидам рамо до рамо со толку многу силни артисти од целиот свет кои интензивно создаваат музика на начин и филозофија како мојата и се многу понапред од мене. Пред сè, треба да знаете дека “ Dusted Wax Kingdom “ е лејбл кој што помага и презентира артисти кои од својата музика не бараат материјален или финансиски профит. Значи станува збор за високо морална филозофија во лејблот кој пред сè сака на човечкото уво да пласира креативност или со други зборови уметност создадена од духовни и морални квалитети.

Dusted Wax Kingdom е лејбл со карактер. Затоа и вечно ќе творам за DWK и ќе стојам зад истиот. Затоа што денес никаде во светот не сум видел нешто како DWK, нешто како VPD.

бркајработа: Убав концепт. Имаш ли и сам, да им порачаш нешто на оние коишто те читаат во моментов?

Миста 93: Луѓе. Дојде време кога треба да се распределиме. Дојде време кога планетата се рециклира. Дојде време кога ние луѓето треба да се распределиме. Дали ќе се фатат рака под рака со материјално изградени био компјутери кои единствена цел која имаат е да направат пари, да направат слава, со цел да уништат туѓ квалитет, туѓ успех. Дојде време кога музичката индустрија се изопачи до краен степен кога артистите во неа станаа материјални помии кои постојат само и само за да се видат на ТВ.

Дојде време кога креативното и фалшивото се борат едно против друго. Тогаш зошто кога тој клучен момент ве засега и вас, не го фатите патот на позитивната прогресија на уметноста која ја бара вашата поткрепа? Точно сега е моментот, кога треба да се завртите и да погледнете кон сите оние угнетени артисти кои ја изгубија борбата со негативните господари на музичката индустрија и да ги поткрепете уметничките институции како “DWK“ и сите оние кои ја шират таа космична филозофија насекаде околу вас во форма на аудио звук. Можеби еден ден, ќе бидете могу повеќе од задоволни и многу повеќе од среќни кога ќе видете дека љубовта кон креативната уметност победила наспроти алчните исфорсирани и искомплексирани “artisti” кои постојат само на ТВ и во краткотрајната памет.

 

Би можело да Ве интересира:
Претходно од оваа категорија:

anaNikolic

misoKovac

banerIscelitelMilenium

  • 30 дена
  • 7 дена
  • 24 часа