Уште една ноќ без спиење. Како и да e, веќе сум навикната. Нема да ми биде ни прв ни последен пат да останам будна цела ноќ, превртувајќи се во својот кревет. Па тоа и не е така лошо. Откако несоницата се појави во мојот живот, ми донесе нова пријателка - Темнината.

Не сакав ова да ви звучи страшно. Извинете ако ве исплашив. Темнината-мојата нова пријателка ме научи на многу нови работи. Ми даде шанса да размислам и да решам многу проблеми и мистерии. Ми даде множност да го запознаам светот. Заедно со неа ги посетив сите места за кои некогаш сум мечтаела. Ако не реално, барем онака имагинарно со новата пријателка. Хахахаха. Сега ќе си помислите дека сосема сум се мрднала од паметот. Но,за ваша несреќа, а моја среќа не сум се мрднала. Барем не за сега. Значи видете вака. Воопшто не треба да се плашите од темнината.

Зарем воопшто не ве интересира што се наоѓа во оној мрачен агол? Епа нема да ви кажам. Сами проверете си. Можеби е нешто интересно, а можеби и не. Сфатете ја темнината како нов хоризонт кој се отворил пред вас. Почнете да го истражувате. Нема да се покаете. Верувајте ми. Тој хоризонт ви носи толку многу нови сознанија, што нема да можете да си поверувате на сопствените очи. Постојано ќе се прашувате дали тоа е некоја оптичка илузија или пак не. И баш кога ќе мислите дека сте го пронашле одговорот се ќе исчезне. Нервозно ќе се свртите на другата страна од креветот и ќе пробате да заспиете. И пак нема да успеете. Доаѓа друга мистерија која треба да се реши.

Или ќе останете будни до раните утрински часови решавајќи ја и повторно нема да успеете, или пак само нервозно ќе се трудите да заземете удобна положба за спиење. Ама и во тоа нема да успеете. Жалам ама така е кога се дружите со темнината и несоницата.

Ако успеете да решите барем една мистерија вие сте генијалец. Ајде сега изгаснете ги светлата и почнете со истражување на мрачниот агол. И само уште нешто. Ако во тој мрачен агол успеете да се пронајдете себеси, почесто дружете се со несоницата.

- Ивона Рашковска