igor-za-tose-naslovna majkatiitatkoti1

Што да се каже или напише за Тоше? Што не е кажано или напишано за Тоше? Или пак, во оваа ера на жолт печат и инстант небулози, повеќе нема место за, искрени и чесни души каква што беше неговата.
А…
Сите сакаа да бидат како него.
Сите сакаа да бидат до него.
Сите сакаа да се сликаат со него.
Сите сакаа да зборуваат за него.
Сите сакаа да се расплачат од него.

И сите плачеа…
Тој ден сите плачеа.
Тој ден сите ние загубивме по еден дел од себе.

Смртта на Тоше кај нас Македонците е некаков еквивалент на смртта на Џон Кенеди кај Американците.

Сите оние што живееле во времето на тој можеби најпознат атентат во историјата, точно знаат каде биле во тој момент, со кого биле, што правеле, што зборувале и како реагирале на објавувањето на трагедијата. сите ние вечно ќе го паметиме тој момент.

И тешко дека ќе го заборавиме.

Јас пак никогаш нема да ја заборавам нашата прва средба.

Прилеп, 1997. во домот на културата, фестивал на млади пеачки надежи, од целата земја. Зад сцената беше врвулица од тинејџери кои едноставно… не престануваат да пеат.

Најмногу се истакнуваше една група од средното музичко училиште во Битола,
во која беше и Тодор, се запознав со сите.

Се сеќавам дека тој ми персираше, не се сеќавам дали го правеа тоа и другите деца,
но тој го правеше тоа на посебен начин. по тоа и го запаметив …

И на крајот на фестивалот, кога жирито го прогласи за победник,
ептен му се израдував, ми беше мило што такво пристојно и воспитано дете успеа.

И навистина успеа, само пет години подоцна стана sвезда, работевме заедно,
како ексклузивци на продуцентската куќа Авалон.

Бевме заедно на таа, досега најголема турнеја на македонски уметници во Австралија.

Никогаш нема да го заборавам ова:

Во тоа време, по цел ден свирев прим, тоа еден прекрасен стар инструмент, сличен на мандолината, вежбав по неколку часови дневно, за потребите на еден филм, вежбав веќе неколу месеци.

И навистина напреднав во свирењето…

И додека летавме со авионот кон Сиднеј, свирев за да ја убијам здодевноста,
кога и тоа ми стана здодевно, некаде над Дубаи, го оставив примот, а Тоше ме праша: Може да пробам малку?

И драг мој читателу, момчето почна да свири на инструментот што го имаше во рацете за прв пат.

Отпрвин малку срамежливо, па се посигурно и посигурно…
Она што јас го вежбав со месеци, Тодор го совлада, а авионот не беше стигнат ни до Сингапур.

Тешко е да се заборави таков човек, скоро невозможно.
Дури ни времето, тој немилосрден убиец на спомени, не му може ништо.

Иако, нашите радија и телевизии како да го забораваат,
се сеќаваат на него два-три пати годишно.

Сакам да им порачам еден поразителен факт:

Ако го ставиме кичот и шундот од една страна
и нашиот ангел од другата, односот е десет на еден.
Десет полуталентирани на еден суперталент.
Не е убаво. налет друго, не е фер.

А тебе Тодоре, драг мој пријателе, те поздравувам.
Набргу ќе се видиме, сакале-нејќеле.

Иако јас не сум сигурен дека мене ќе ме пуштат таму каде што си ти.
Но, ако фатам врски преку дедо ми, и ако ме пуштат…
Ќе биде забавно…

Игор Џамбазов