Во неврзан муабет, уредниците на бркајработа влегоа во дискусија кои се најдобрите филмови од новиот милениум. Фрчеа наслови од секаков тип, Inception, 300, Saw, Chicago, Ice Age... и на крајот заклучокот беше - „Добар беше новиот милениум, ама гледај какви наслови има во деведестите...“
И така, составивме листа од неколку филмови од деведесетите, а таа е неспоредлива со онаа од новиот милениум, пред сè по својот квалитет на актерски план, како и на пораката којашто ја пренесуваат некои од нив, но особено по целокупната импресија на гледачите коишто и ден денес сè уште ги сметаат за свои „најдобри на сите времиња“.
Листата, со која гарантирано многумина нема да се сложат, но никој нема да смее да каже дека оние коишто сме ги одбрале не заслужуваат да бидат во првите десет. Единствено, може да додаде кого сè не успеавме да спикаме во првите десет, а тоа и ние го прифаќаме како вистина. Еве ја:
10. Scent od a woman (1992)

Ал Пачино има безброј легендарни улоги. Оваа, во Мирисот на жената е една од тие. Ал Пачино глуми слеп ветеран којшто има намера за последен пат да ужива во животот пред да се убие. Во тоа му помага младиот Чарли (Крис О`Донел) или подобро кажано, во тоа му одмага. Чарли го спречува планираното самоубиство и од тој момент му покажува на стариот генерал дека животот вреди да се живее токму преку сопствените проблеми. Филмот доловува неколку поенти. За љубовта вреди да се живее, оптимизмот секогаш е оправдан и моралните вредности се исклучително важни. Она што успева да ги поврзе овие три работи во еден ист филм, е она коешто го прави филмот толку добар. Добро, Ал Пачино помага во многу голема мера за истото.
9. The Shawshank Redemption (1994)

Холивуд пред и по овој филм виде многу затворски приказни. Сепак, ниту една не беше како оваа. Дуото Морган Фримен - Тим Робинс особено и се допадна на публиката, а ни се допадна и нам. Тоа е типична сторија за погрешно осуден човек, но она коешто го прави филмот неодолив е неговиот фантастично осмислен среќен крај. Иако Енди (Тим Робинс) има докази дека е невин, управникот одбива да го ослободи плашејќи се дека затвореникот може да ги открие сите корупциски дела за коишто претходно дознава водејќи ги книгите со евиденција. Сепак, прекрасен е крајот кога Енди бега од затворот и успева да одземе огромна сума на пари од бакните на управникот, притоа наоѓајќи начин како да го ослободи и неговиот пријател Ред (Морган Фримен).
8. Se7en (1995)

Кевин Спејси е сериски убиец којшто ги користи седумте божји гревови за секое различно убиство. Приказната е неверојатно сплетена, а завршува со гревот „освета“ откако детективот Милс (Бред Пит) дознава дека убиецот ја убил жена му и ја смислил целата сцена и своето убиство, токму заради осветата којашто му тежи на Милс. Во последната сцена, серискиот убиец кажува дека Господ го пратил како предупредување за луѓето и го натерал да ги убие сите тие луѓе. На некој начин, со оглед на тоа дека се работи за филм и слушајќи го монологот на Спејси, гледачот доживува две сосема спротивни чувства во последната сцена. Она на сожалување и оправдување имајќи предвид дека светот навистина станал расипано место и никој не полага сметка за ништо и пред никого, и она на бес и лутина, во моментите кога убиецот покажува какво грозно злодело направил. Совршена приказна на доброто и злото.
7. Trainspotting (1996)

Еден од ретките филмови на оваа листа коишто не потекнуваат од Холивуд. Јуан МекГрегор во улога на англискиот наркоман којшто сака да се исчисти од дрогата. Филмот изобилува со гнасни сцени и го покажува развратниот живот во модерното општество, каде што од обична чашка алкохол и свилена испеглана кошула, може да не одведе до полна соба измешани крв и фецес покрај кои се расфрлани неколку шрицови со одамна вбризгана дрога. Појавувањето на Trainspotting беше освестување за генерацијата. Токму во конзервативната Англија конечно некој покажа дека не е сè така мирно и дотерано како што изгледа.
6. The Truman Show (1998)

Џим Кери е познат како комичар. Сепак, плејада филмови коишто актерот ги одигра се далеку од обични комедии. Во Шоуто на Труман, тој игра неверојатна улога. Вообичаено велат дека најтешко е да се одигра улога којашто глумецот никогаш не ја искусил. Во случајов, никој не бил дел од филм целиот свој живот, а Џим тоа го прави како да му е дадено од раѓање. Иако филмот изобилува со шеги и комични моменти, тоа е тажна приказна за она што човекот денес е. Затворен во една огромна купола, притиснат од туѓите желби и потреби и живее робовски живот за доброто на големите компании и корпорации. Сите ние несвесно одиме секој ден на работа од 8 до 4, но само Труман имаше храброст да го победи својот најголем страв и да му каже не на она коешто во филмот за него е Господ. Само Труман успеа да го победи Господ, бидејќи го победи стравот од смртта.
5. The Matrix (1999)

Матрикс мораше да заработи пари, па го направија и љубовна приказна. Но, браќата Вачовски на светот за прв пат преку филм му ја принесоа на тацна идејата дека она што го живеат, може да нема врска со реалноста. И имаа многу детали со коишто го поткрепија своето тврдење. Најбаналното и воедно најреалното, Дежаву моментот и поминувањето на црна мачка, то ест, суеверијата на луѓето коишто ниту најголемите научници не можат да ги објаснат. Приказната дека сме само компјутерска програма гледачот може да ја земе и како второстепена. Прекрасна е идејата на браќата со којашто сакаат на обичниот гледач да му посочат дека сè што ќе посака може и да го оствари ако навистина вложи труд во истото. Можеби Нео (Кијану Ривс) беше одбраниот, но поентата е дека секој од нас е непобедлив ако го прифати фактот дека навистина е непобедлив.
4. Fight Club (1999)

Fight Club е револуционерен филм заради ефектот којшто го постигна откако беше за првпат прикажан. Ширум светот одеднаш почнаа да се појавуваат исти клубови за фер борба каков што беше оној од филмот. Една цела нова култура се роди по прикажувањето на Fight Club. Освен тоа, дуото Бред Пит - Едвард Нортон е едно од најдобрите во поново време. Раздвоената личност со којашто „Нараторот“ се бори речиси и да не се забележува низ целиот филм, но всушност, ова е еден од најдобрите филмски прикази на шизофренијата, или ако не се сложувате дека Едвард Нортон беше шизофреничар, тогаш тоа е дефинитвно показател што може да донесе и однесе создавањето на алтерегото. Плус, нема маж којшто ќе остане адреналински имун на ова ремек дело на Дејвид Финчер.
3. Pulp Fiction (1994)

Ефтини Приказни е врвот што Тарентино го достигна. Тоа е лекција за сите режисери како се прави филм и воедно е пример, како секоја сцена од филмот може да биде култна сцена. Pulp Fiction постави нови граници во светот на филмот, а Квентин го претвори во режисер којшто е категорија сам за себе. Холивудската нереалност којашто на гледачите одамна им е досадена, во овој филм има посебен шарм и токму тоа е она кое што го прави филмот неверојатен. Единствената работа којашто не чини, е фактот што никогаш не можете да се одлучите која сцена ви е омилена.
2. Forrest Gump (1994)

Доколку Том Хенкс не ја играше улогата на Форест, можеби овој филм ќе останеше незабележан. Двоипол часовната драма го држи гледачот прикован и емотивно приврзан за Форест во секоја секунда од филмот. Иако целиот филм со себе носи полу-мрачна нишка и раскажува трагична приказна за едно психо-физички осакатено од Бога дете, тоа е всушност најпозитивниот филм на сите времиња и ако тој филм не направи од нас оптимисти, тогаш ништо на овој свет не може.
1. American Beauty (1999)

Американска убавина го одбравме да биде број еден од едноставна причина што додека Америка биде број еден сила во светот, овој филм ќе биде комплетна реалност на западното општество и општествата коишто се стремат да бидат како него. Улогата на Кевин Спејси е најдобрата што некогаш ја има одиграно и со неа се докажа како првокласен актер. Заедно со неодоливата Мена Сувари како типична американска убавица-тинејџерка, овој филм останува врежан во нашите срца како сликата којашто секојдневно ја посакуваме и секојдневно сфаќаме колку таа не ни носи никаква радост, туку само тривијални сцени од она коешто иронично сè уште го нарекуваме живот.
Иако се одлучивме за овие десет и некои филмови останаа неспоменати, тоа не значи дека не ги сметаме за исклучително добри. Кои на пример? На пример, Schindler's List, The Silence of the Lambs, Saving Private Ryan, Reservoir Dogs, The Big Lebowski, Casino, Twelve Monkeys, Good Will Hunting, Leon: The Professional, Groundhog Day, Eyes wide shut... и секако, легендата на деведесетите... Dumb and dumber. :)
Имaте своја верзија на најдобрите десет? Со задоволство би ја прочитале.
В.Н. | brkajrabota
