Ммм, да. Таксират. Чудовиштето од фестивал којшто секоја година добива сè повеќе епски карактер, а публиката секоја година кенка дека „Саем“ е премал. 

Годинава, како и секоја впрочем, публиката пред Таксират се делеше на заинтересирани и невоодушевени од најавената постава, а по Таксират се дели на воодушевена и публика која сфатила дека згрешила што не се потрудила за карти. 
Таксират има посебна енергија, не знам дали е тоа до организацијата која за македонски услови е фантастична или едноставно до профилот на публика која секоја година доаѓа да го проследи настанот. Без фенсерај, без шминка, без предрасуди, урбаниот дух владее со Хала 1, а изведувачите тоа го гледаат и одговараат на истото.

taksirat-12_20101205_1251209921Можеби минатата година (од личен агол) изведувачите беа далеку поатрактивни, како оние балканските така и оние светски познатите, но оваа, која навидум според имињата требаше да биде мирна, нежна, лајт што би се рекло, со оглед на тоа што White Lies, Gentelman и Manu Chao се музичари чиј стил не е особено агресивен, беше и тоа како бучно и забавно, а на публиката не и беше досадно во апсолутно ниту еден момент. 

Отворија Smut, во услови на полупразна сала. Сепак, оние кои ја почитуваат нивната музика токму тоа и го бараа, простор за исфрлање на негативната енергија во првите редови, токму пред нив. Да, оние кои сега читаат, а се љубители на добар метал звук, ќе кажат дека никој не може да ги замени Paradise Lost кои го откажаа својот настап заради невремето во Европа, но хеј, кој во вакви непредвидени услови можеше подостојно да ги замени?

По нив, настапија White Lies. Лондонскиот „алтернатив рок“ бенд кој постои прилично малку на светската сцена, исклучително брзо се здоби со голема слава и почит. Светското реноме кое го носат го пренсеоа и на сцената во Скопје, звучеа моќно, професионално, а за нивните фанови беа особено добри во сценскиот настап. Реално, бендот одработи настап без грешка. Од самиот почеток ги отсвирија своите најголеми хитови а својот едночасовен настап го затворија со нивната најпозната „Death“ по што се повлекоа зад сцената. 

Пекиншка Патка, новосадскиот панк бенд со повеќедецениска традиција имаа типично балкански настап. Бендот чија музика крева од земја не звучеше како да постои од `78 година (а постои), но секако звучеше како и денешните балкански
taksirat-12_20101205_1540320762бендови кои сонуваат за нивната слава и моќ. Делуваа како вистински гаражен бенд, трудејќи се да ја пренесат енергијата и љубовта на сцена многу повеќе отколку што ги интересираше дали сите инструменти звучат совршено. Нивни фанови дојдоа дури од родниот Нови Сад да го следат настапот на „Патка“.

Вистинскиот спектакл почна со Џентлмен. Верувам дека ниту еден македонски реге фан не го пропушти богот на европскиот реге звук. Почна спектакуларно, а публиката токму во тие моменти, околу 22:30h, веќе сериозно ја имаше исполнето салата. Убав вовед дадоа јамајканскиот пејач Кристофер Мартин и преубавите црномурести девојки кои настапија како пратечки вокали. Во моментот на појавувањето на Германецот, масата практично експлодираше. Џентлмен вистински ја загреа атмосферата, ги испеа неговите најпознати песни, ѝ порача на публиката никогаш да не престане да има и дава љубов, почит и разбирање, за да го заврши својот настап околу полноќ кога во халата немаше место ниту игла каде да падне.

Ману Чао беше најавен како ѕвезда на вечерта. Скопската публика не го заборави неговиот настап во 2002 година кога неговиот настап беше оценет како неверојатен. Вчера, на Таксират, Ману Чао направи спектакл. Генерално, музиката на Ману е мирна и сталожена. Така и ја започнуваше речиси секоја нумера, но се чини дека ниту публиката сакаше концертна верзија која е иста со албумската, ниту тој самиот, па целото трио кое беше на сцената не издржуваше повеќе од две минути во таа „спокојна“ атмосфера. Секоја песна ја претвораа во ска и панк верзија на која публиката комплетно одлепи. Преполната сала, од самиот главен влез па до бината беше со рацете во вис и играше. Настапот на Ману Чао траеше околу два часа, што би се рекло двојно повеќе од останатите, но тоа е сосема логично бидејќи публиката не му дозволи да си замине. Единствено, „Me gustas tu“ taksirat-12_20101205_1208725390стихот беше само спомнат како дел од друга песна, па мобилниот телефон на вашиот известувач остана без еден свртен број за да може да ја посвети песната. Ману... срам да ти е! :) 

Дубиоза Колектив, босанските ѕвезди, имаа фантастичен сценски настап. Кога „Метрополис Арена“ веќе се подиспразни и можеше да се диши, се појавија момците во импресивни жолто-црни костуми. Личеа на работници кои пренесуваат токсични материи, а со својот стил и фризурата на Адис пренесоа убиствено добра енергија. Послениот мега хит, „Валтер“ беше во фокусот низ целиот настап, а Скопјани особено беа бучни на вториот дел од најважните стихови од песната, па ако знаете како оди текстот, можете да замислите какво громогласно скандирање имаше по извикот на Алмир „Вратиче се Валтер...“

На крајот, како измена во распоредот, настапија Оникс. Па, ако минатата година Кирил го стаписа Скопје со неверојатно позитивниот настап, оваа година Оникс речиси ја растурија сцената. Буквално и преносно. Раперите од Њујорк, кои се пример за непокорливост на моќта на парите и од своето формирање до денес останаа верни на андерграунд рапот имаа сценски настап кој македонската публика ретко може да го види. Не можам да оценам дали целото случување беше „монтирано“ но дефинитвно беше шокантно. Имено, прво безжичните микрофони сецкаа и дел од рецитирањето не стигнуваше до звучниците, потоа диџејот ја промаши матрицата за врв да биде физичката пресметка на Fredro Starr со еден челн од обезбедувањето кој имаше задача да стои на сцената во случај нешто да притреба. Лути и изнервирани, раперот и неговиот колега Sticky Fingaz, го продолжија настапот. Фрлаа вода во публиката, Sticky Fingaz рипна од сцената директно во публика, но лесно се врати назад со оглед на тоа дека не е мал
taksirat-12_20101205_2011062428човек и успешно се оттргна од фановите. Потоа се качи по инсталацијата на бината, на врвот од главните звучници а врв беше кога истиот редар кој ги нервираше се врати на сцената па и двајцата го фрлија зад сцената барајќи да не се појави повторно на „нивната“ сцена, инаку „маф“ му е работата. Микрофоните не се средија до крајот, но Оникс понудија неверојатно шоу.

Интересно оваа година е што имаше многу Срби, но особено изгледаше како Бугарите да извршија окупација на Скопје. Организаторот сигурно знае подобро, но во салата имаше најмалку 20 посто бугарска публика. Нормално и тие влегоа во големиот барабан уживање и забава иако за момент снема пиво во некои делови од салата, но добрата организација ги наполни повторно шанковите. Публиката уживаше во ефтиниот 50 денарски даб и 70 денари за лименка Туборг па пиво леташе на сите страни, вклучувајќи ги и фоторепортерите, камерите и пултот за контрола на звук и светло на средината на салата. На Саем, на Таксират беше хаос. Таков го сакаме и следната година. 

Повеќе фотографии, можете да погледнете во галеријата.

zj 300x250-min

mileniumbanner21

  • 30 дена
  • 7 дена
  • 24 часа