Поранешниот италијански репрезентативец Антонио Касано отворено прозбори за својот живот и фудбалската кариера за која вели дека најмногу жали за времето поминато во Реал Мадрид, каде бил во постојана кавга со тренерот.

Почетокот на кариерата за Касано беше многу ветувачки. Со само 17 години тој се претстави на италијанската фудбалска сцена со гол за победа на неговиот тим Бари против Интер. Но, дотогаш животот беше полн со проблеми за Антонио Касано.

- Цели 17 години знаев како е да се гладува, бидејќи мојата мајка заработуваше многу малку. Се снаоѓавме за храна и најчесто имавме по едно евро на ден. Мајка ми нема одено во училиште, па затоа беше неписмена. Јас играв фудбал на улица, и најчесто играв за оној тим кој ќе ми понудеше пари. Фудбалот ми го смени животот - вели Касано.

Поранешниот член на Рома и Реал Мадрид смета дека животот ќе му бил поразличен ако имал позитивен пример кој ќе го подучува. Тоа најмногу се должи на недостатокот на татковска љубов во неговиот живот.

- Татко ми и мајка ми се разведоа кога имав само 10 години. Тој тргна по својот пат и оформи ново семејство, а мајка ми остана заљубена во него. Понекогаш доаѓаше да нѐ посети, но еднаш јас избегав од дома и ѝ реков на мајка ми дека треба да избере помеѓу мене и него. Оттогаш тој не се врати во нашиот дом -додава Касано.

Кога се работи за периодот од животот за кој Касано се кае, тоа се неколкуте месеци поминати во Реал Мадрид.

- Најмногу жалам зошто не успеав во Реал Мадрид. Требаше да уживам во играњето во дресот на најдобриот клуб во историјата, но наместо тоа, јас се карав со сите. Ги запознав Зидан, Бекам и Роналдо, но истовремено се лутев за ситници и се расправав со сите во соблекувалната. Еднаш Капело ме замени и јас се истурив на него. Често го навредував на италијански и шпански. По една година полна со кавги, го напуштив Мадрид - заврши Касано.

Тој во кариерата настапуваше за Бари, Рома, Реал Мадрид, Сампдорија, Милан, Интер, Парма и Верона.

anaNikolic

misoKovac

banerIscelitelMilenium

  • 30 дена
  • 7 дена
  • 24 часа