Македонскиот кошаркар, Перо Антиќ одлучи да го напушти европскиот првак Фенербахче и се врати во редовите на Црвена Звезда, од каде претходно замина во 2007 година. Тој во интервју за српскиот портал „Спортклуб.рс“ откри дека оваа сезона ќе биде последна во неговата професионална кариера.

- Сега сум 12 години постар од моментот кога првпат дојдов тука и мило ми е што се вратив во клубот кој го сакам. Мислам дека ова ќе биде мојата последна сезона во кариерата и сакам истата да ја завршам во Звезда, како што посакував. Во однос на моето прво доаѓање, клубот се издигна во многу аспекти - својот маркетинг, бизнис, па и своите резултати. Се надевам дека ќе продолжиме да ги радуваме нашите навивачи - вели Антиќ.

Македонскиот кошаркар се откажа од поголема плата во Турција за да игра во „црвено-белиот“ дрес, а за тоа воопшто не се кае.

- Да, се откажав од поголемиот дел од мојот договор и тоа јас го сакав, на крај не е сè во парите. Сакам да ја завршам кариерата во клубот кој го сакам, на место каде се чувствувам удобно и ќе играм за навивачите, а исто така ќе бидам и блиску до мојот дом - изјави екс македонскиот репрезентативец.

Антиќ по доаѓањето во Белград најави дека тука e да помогне и да ја одигра секоја улога, која ќе му биде доделена од страна на тренерот Душан Алимпијевиќ.

- Има многу талентирани играчи во Звезда, па не би можел да издвојам некој посебно. Мене ми останува да помогнам со искуството и да направам хемија, бидејќи без хемија нема резултати. Секако, во моментот кога ќе влезам во игра, дали тоа ќе биде две, три или пак, десет минути, ќе направам сè што моето тело ќе ми дозволи. Тим во кој секој знае каде му е местото ќе има успех - додаде Перо.

Српската екипа од петок до недела игра на турнир на Крит, каде ќе се направат последните подготовки пред новата сезона.

banerIscelitelMilenium

  • 30 дена
  • 7 дена
  • 24 часа