Компанијата „Apple“ соопшти дека открила два пропусти во компјутерските чипови на сите уреди iPhone, iPad и на компјутерите Mac - соопшти BBC.

Според технолошкиот гигант, нема докази дека овие слабости биле користени од хакери.

Соопштението следеше откако „Google“ и други технолошки компании соопштија за дефектите „Meltdown“ и „Spectre“, откриени во процесори на неколку производители, кои практично го покриваат речиси целиот компјутерски пазар на светот. Mac корисниците со години велат дека нивните уреди и оперативни системи се помалку ранливи од оперативните системи на „Microsoft“ или „Android“ телефоните.

Компанијата веќе пушти „закрпи“ како мерка за делумно неутрализирање на „Meltdown“ како дел од нејзините ажурирања за iPhone и iPad (iOS 11.2) и macOS 10.13.2. Проблемот не влијае на часовниците Apple Watch. За да се справи со „Spectre“, компанијата подготвува ажурирање за прелистувачот Safari.

Во меѓувреме, и „Google“ и „Microsoft“ објавија кои производи се погодени од дефекти и решенија како нивниот ефект може да се минимизира. Експертите велат дека некои од „закрпите“ на компаниите можат да ги забават уредите до 30 %, но „Intel“ тврди дека таквите тврдења се многу претерани.

Која е заканата?

„Spectre“ работи така што влијае на чипови во паметните телефони, таблети и компјутери, создадени од „Intel“, „ARM“ и „AMD“, а „Meltdown“ – лаптопи, десктоп компјутери и интернет сервери кои работат со чипови на „Intel“. Сепак погодените уреди се милијарди – само персоналните компјутери (десктоп и лаптопи) се милијарда и пол, а од нив 90 % работат со „Intel“ според технолошката консултантска компанија „IDC“.

Податоците, со кои уредите работат, непрекинато се движат помеѓу меморијата на чипот и другиот хардвер кој е дел од уредот, и овој процес е координиран од јадрото на неговиот оперативен систем. И двата пропусти се активираат, токму кога чипот работи со податоците. „Meltdown“ му дава на процесорот неприродно голем пристап до меморијата користена од јадрото на оперативниот систем, а „Spectre“ активира во програмите непотребни операции, како резултат на кои кон процесорот се поднесуваат доверливи податоци.

Според BBC ниту една од овие две неправилности не е директна опасност за корисниците кои редовно ги ажурираат своите оперативни системи, но, исто така, можат да претставуваат закана за бизнисот.

Британскиот јавен оператор ги цитираше изворите во индустријата дека проблемите им се познати на технолошките компании за најмалку шест месеци, но нивната цел беше тивко да работат за да ги елиминираат.

anaNikolic

misoKovac

banerIscelitelMilenium