Прилепската прехранбена индустрија „Витаминка” годинава ќе гради нов капацитет за чоколади вреден 2,5 милиони евра. 

„Витаминка“ ќе гради нов погон за чоколади

- Проектите и нацртите ги привршуваме, во потрага сме по локацијата за новата градба.

Парите не се проблем зашто веќе имаме понуди за кредитирање од две банки, вели Симон Наумоски, претседател на Управниот одбор на „Витаминка”. Намерата е новиот погон да почне со работа во 2012 година. Со него производството на чоколади двојно ќе се зголеми од сегашните 200 до 300 килограми на 500 килограми на час.

Ова е најважната инвестиција на „Витаминка” годинава, зашто постоечките капацитети веќе се претесни и се работи во четири смени. Раководството размислува да се прошири и капацитетот за „стоби флипс” производите.

„Витаминка” е задоволна од билансите во 2010 година.  За 10 до 15 отсто се зголемени производството и реализацијата во споредба со претходната година.

Проблемот со кој треба фабриката да се справува е енормното и неконролирано зголемување на цените на репроматеријалите што се увезуваат.

- Не се плашиме за пласманот, тој е одличен како на домашниот, така и на странскиот пазар. Проблем е порастот на трошоците. Тоа мора да го надминуваме со заштеди во производството. Ќе се штеди преку набавка на машини и на модернизација на целиот процес. Не можеме постојано да ги зголемуваме цените на производите, вели Наумоски.

Ширење на капацитетите, модернизирање  и зголемување на продуктивноста и на заштедите, се главните приоритети на прилепска „Витаминка” за наредниот период.

Извор: курир.мк

Би можело да Ве интересира:
Претходно од оваа категорија:

toniIVlado

posivo-baner-milenium

  • 30 дена
  • 7 дена
  • 24 часа

PaulVanDyk