Последниот учесник во неуспешниот атентат врз Адолф Хитлер, од јули 1944 година, Евалд-Хајнрих фон Клајст, почина на 90-годишна возраст во својот дом во Минхен.

atentator-500

Ова го пренесоа американските медиуми, повикувајќи се на информациите од  неговата сопруга Гундула фон Клајст.

Евалд-Хајнрих фон Клајст беше роден во 1922 година како потомок на стара аристократска лоза од Померанија (денеска во Полска).

Како 22-годишен поручник на Вермахтот, тој се борел на Источниот фронт, а со него во текот на јануари 1944 година се поврзал полковникот Клаус фон Штауфенберг. Тој му го изложил планот за убиство на Фирерот, според кој младиот војник требало на Хитлер да му го претстави новиот модел на униформа. Под униформата требало да има појас со експлозиви, што Фон Клајст тревало да го активира и да се убие себе си и диктаторот.

Поручникот се согласил, но планот не се реализирал.

Неколку месеци подоцна Фон Клајст повторно сковал заговор со Фон Штауфенберг и други офицери. Предвидено било поручникот на 20 јули да носи актовка со експлозиви на средба со Хитлер. Но следела промена во планот и Фон Штауфенберг одлучил самиот да ја внесе чантата во салата и да го активира. Така и направил, ја внел бомбата на седницата со Хитлер и неговите воени советници во главниот штаб во Источна Прусија, но некој ја забележал чантата до ногалката од масата, ја потргнал повнатре и со тоа ја дефокусирал моќта на експлозијата, по што Хитлер останал речиси неповреден.

Во тоа време Фон Клајст престојувал во Берлин со задача да  раководи со апсењата на офицерите лојални на Хитлер. Кога се дознало дека атентатот бил неуспешен и Хитлер е жив, заговорниците се уапсени, мечени и жестоко егзекутирани.

Евалд-Хајнрих фон Клајст, исто така, е уапсен, долго распрашуван од Гестапо и испратен во концлогор, од каде од необјасниви причини бил ослободен и вратен на воена служба.

По војната благородникот создал издавачка куќа и се занимавал со образовни проекти за прашањата на безбедноста и трансатлантските односи.

Во 1952 година тој го формирал независното Друштво за воени истражувања, а две години подоцна - списанието за европски воени истражувања.

Во 1963 година Евалд-Хајнрих фон Клајст ги полага основите на она што денеска се нарекува Минхенска безбедносна конференција - годишен форум што собира дипломати и воени експерти од цел свет, пренесуваат американските медиуми.

Извор: Курир

Би можело да Ве интересира:
Претходно од оваа категорија:

banerIscelitelMilenium

  • 30 дена
  • 7 дена
  • 24 часа